SALONE INTERNAZIONALE DEL MOBILE - МЕЃУНАРОДЕН САЕМ ЗА МЕБЕЛ, МИЛАНО 2008

Освен што е центар на модата, Милано е и светски центар на дизајнот на ентериери. Секоја година во месец април, се одржува Меѓународниот саем за мебел – iSaloni. Оваа година се одржа 47-та изложба, со најголема посетеност досега – 348.000 посетители.
iSaloni е местото каде најпознатите светски производители ги претставуваат своите нови или најпознати колекции и е епицентарот на новите трендови кои ќе ја одбележат следната дизајнерска година. Salone Internazionale del Mobile е името на изложбата во рамките на саемот и содржеше дизајнерски дела од класичен до модерен дизајн. Изложбата траеше од 16-ти до 21-ви април и за тоа време ја имавме можноста да видиме 2.500 изложувачи. Иако на саемот доминираа италијанските фирми, нови производи и нов дух внесуваа и дизајнери од целиот свет – Израел, Франција, Јапонија.
Како што модата се враќа кон ретро стилот, шаренилото и кичот, во истиот правец се движи и модерниот мебел. Најголема инспирација се лудориите на ’60-тите, а строгите форми и минимализмот повторно им отстапуваат место на органските форми, шарениот и духовит мебел и аксесоари. Хит бои се црвената, портокаловата и розовата…